Реконструкцијата и по неа

0
150

Колумна на Никола Поповски

Реконструкцијата на Владата што долго се најавуваше, која се претвори во клучен, па и можеби единствен аргумент за победа на Стево Пендаровски во вториот круг на претседателските избори и претендираше да даде одговор на многу од прашањата за кои сегашната власт не испорача ни блиску до соодветни одговори, се претвори во антипод на самата себеси. Таа не даде речиси ниту еден сериозно прифатлив и позитивен одговор освен еден многу негативен и целата се сведе на разрешувањето на можеби единствениот здрав столб во Владата од оние што треба да се грижат за стабилноста и развојот на македонската економија. Како и десетици пати до сега во кратката историја на македонската независност, кога власта не ги давала резултатите што самата ги најавувала или очекувала и кога довербата во неа се намалува секојдневно, така и сега, вината се побара директно и единствено во Министерството за финансии и ресорниот министер. Тоа е грешка со можни посериозни последици.

Ако, пак, ја погледнеме реконструкцијата на владата од нејзината опачина, лесно ќе сфатиме дека таа не беше реконструкција за промена на оние што потфрлија по кој било основ, туку директна конфирмација на оние што останаа, а не заслужија да останат. А тие имаат уште точно една година за да го завршат мандатот пред да се избере она несреќно решение наречено „преодна (пржинска) влада“, што всушност е ставање на најважните државни органи и речиси целата државна администрација во непотребно мирување пред есенските избори 2020 година.

Реконструкцијата на министерот за финансии како факт, најавата дека воопшто нема да се избере нов министер и неколкуте најави за тоа што ќе треба да се очекува од тоа министерство во идните 12 месеци, можат да внесат извесни проблеми каде што никој не ги очекува. Досегашниот министер, како-така, внесе извесна стабилност и предвидливост на јавните финансии по оној „цунами период“ од 2007 до 2016 година кога дефицитите, јавниот долг, непотребните трошења, криењето на јавно достапните податоци, нетранспарентноста, непочитувањето на некои од базичните принципи на раководењето со јавните финансии и особено раштиманата расходната страна на буџетската политика, беа закани за целата економија на краток, среден и долг рок. Сегашните нови фискални најави, наречени „храбри решенија и храбри одлуки“ значат, под услов приходите да останат да се реализираат со истата динамика, расходната страна на буџетот ќе се зајакне со нови позиции од кои најостро прозвучија оние за раст на расходите за социјална заштита, земјоделските субвенции, нивото на пензиите од јануари 2020 година и на платите на администрацијата од септември 2019 година, вклучувајќи ги и најавите за буџетски компензиран нов раст на минималната законска плата во земјава и неколку други.

Да бидеме искрени, тоа се многу повеќе од храбри одлуки. Тие се на граница на можната бездна. Македонија денес има постигнато едно релативно задоволително ниво на рамнотежа во економијата што се одликува со ниска инфлација и стабилен курс на денарот придружен со релативно задоволително ниво на девизни резерви, ниски пазарни каматни стапки, ниско ниво на дефицит на јавните финансии мерени преку дефицитот на општата влада и релативно одржлив, умерен и нерастечки јавен долг, низок ниво на дефицит на тековната сметка на државата балансиран меѓу високото ниво на трговскиот дефицит и високото ниво на прилив на секундарен доход (девизните дознаки на нашите иселеници) и општа ликвидност на јавните финансии што обезбедуваат финансирање на виталните јавни добра. Но во тоа рамнотежно ниво сепак постојат некои сериозни јазови што се манифестираат со недоволно ниво на економски раст, апсолутно висока невработеност, релативно високо ниво на сиромаштија и големи, веројатно и растечки социјални разлики, како и други потфрлања. Таа прифатлива рамнотежа постои и се одржува само заради постоењето на, во голема мерка, единствено гледиште што, за среќа, го споделуваат Министерството за финансии и Народната банка во врска со тоа. Економски политики што ќе водат кон задржување на „релативно задоволително ниво на рамнотежа во економијата“ и ќе одат чекор понатаму кон постепено отстранување на постојните нерамнотежи и „некои сериозни јазови“ се добредојдени. Но во нив и нивното спроведување мора да биде јасно како „бел ден“ дека постојните рамнотежи не смеат никако да се нарушат и напуштат. Тие се многу поважни од кој било неуспешен обид за отстранување на постојните нерамнотежи бидејќи тоа може да заврши кобно.

Со собраниските и владини одлуки за реконструкција сега позициите се појасни во однос на горните проблеми. Тоа што останува нејасно се позициите на Народната банка, која има значаен дел во политиките на нивното создавање и одржување. Таа, по обичај, ниту ќе ги коментира ниту ќе се изјаснува за какви било какви владини политики. Особено не за оние во врска со фискалните политики на јавните приходи и расходи и во продолжение на нив за социјалната политика и заштита. Но, доколку тие се во насока на напуштање на некои од постојните и со „жртви“ стекнати економски рамнотежи, тогаш едно е сигурно – таа ќе мора да дејствува. За жал, нејзиното дејствување нема да биде со фанфари и најави за три, шест или повеќе месеци однапред какви што овие денови слушаме од страна на високите претставници на извршната и законодавната власт, па и водечките политички партии. Таа ќе дејствува тивко и ќе е транспарентна само откако одредена мерка веќе ќе биде преземена и реализирана.

Веројатно во идните шест-десет месеци гувернерката на НБ ќе спие со едно уво, а не со едно око, отворено. Нема да сака ненадејно да слушне некое големо изненадување што ќе ја натера да ја направи уште порестриктивна сегашната релативно стандардизирана монетарната политика за евентуално да ја искомпензира најавената и релативно нејасна, па и малку заканувачки експанзионистичката фискална политика на Министерството за финансии во сегашниот формат што би придонела за неконтролиран раст на финалната потрошувачка на домаќинствата во економијата, раст на увозот и трговскиот дефицит, дефицитот на тековната сметка, намалувањето на девизните резерви, раст на каматните стапки и цените во домашната економија и тоа точно по тој редослед. Тоа веројатно првично би било поттикнато со постепен раст на буџетскиот дефицит и јавниот долг во услови на влошување на структурата на јавните расходи, благо стагнирање или паѓање на вредноста на индексите на берзата и благо нарушување на екстерната позиција на земјата.

Владата, во една ваква хипотетична, но веќе во кроки и јавно претставена авантура, би можела да помисли дека класичниот ефект на Филипсовата крива, според која зголемената широка побарувачка ќе предизвика одредени ценовни поместувања и следователно краткорочен раст на вработеноста и економијата и ќе ги зголеми очекувања на гласачите, би донел одредени изборни бенефити веќе наредната година. Тоа е замката во која монетарната власт не би требало да падне и веројатно ќе започне со активности за контрамерки од доменот на монетарната политика за да се создаде притисок врз олабавената фискална политика. Во тоа нема друг излез освен НБ однапред да е осудена на победа.

Колумна на Никола Поповски за Независен Весник