Рикер: Времето за игри помина

0
252

 

САД силно ја поддржуваат европската иднина на Северна Македонија и зачленувањето во НАТО, порача вд помошникот државен секретар за Европа и Евроазија на САД, Филип Рикер на денешната прес-конференција во Владата со премиерот Зоран Заев. Рикер нагласи дека за македонската иднина е важно владеењето на правото „бидејќи јавноста очекува истрагите да продолжат, да се покаже дека владеењето на правото се применува и дека никој не е над законите“.

Високиот американски функционер зборуваше и за Законот за Специјалното јавно обвинителство

„Време е работите да се придвижат. САД сака да работи со сите политчки партии во Северна Македонија и мораме да видиме разумни напори. Усвојувањето на Законот за ЈО (СЈО) треба да се донесе и ја поттикнувам опозицијата да се придвижи во таа насока“, рече Рикер.

Во тој контекст, Рикер се осврна и на улогата на опозицијата во целиот процес.

„Како и во секоја вистинска демократија улогата на опозицијата е клучна, опозицијата мора мора да биде конструктивна. Времето за игри е поминато, време е работите да се придвижат за доброто на земјата. Времето да се задржува ова од страна на опозицијата треба да заврши и се надевам ќе имаат конструктивен пристап. Мора да видиме разумни напори, закон за Јавното обвинителство мора да се придвижи, а неговото усвојување сега значи дека тоа повеќе нема да биде ‘прашање‘ и ЕУ ќе може да ги отвори пристапните преговори наесен“, рече Рикер и изрази задоволство дека ќе се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Рикер посетата на Македонија ја почна со средба со шефот на дипломатијата Никола Димитров, а најавени се средби и со Али Ахмети, претседателот на државата Стево Пендаровски, со претседателот на Собранието Талат Џафери и со други владини претставници.