Клучните разлики меѓу власта и опозицијата за новиот Закон за јавно обвинителство и натаму остануваат за мандатот на обвинителите на СЈО и за иднината на судските предмети и истраги што ги води ова Обвинителство.
ВМРО ДПМНЕ бара со завршувањето на мандатот на Јанева да заврши и мандатот на сите обвинители во СЈО.
„Во Законот за СЈО пишува дека помошниците обвинители не можат да имаат мандат подолг од мандатот на специјалниот јавен обвинител. Исто така, секој обвинител од СЈО свесно прифатил да се врати во Обвинителството од кое е регрутиран кога ќе прекине мандатот на специјалната јавна обвинителка и ние сметаме дека тоа треба да се почитува“, рече Антонио Милошоски кој е преговарач од ВМРО ДПМНЕ.
Мандатот на Јанева која сега е во притвор поради сомневање за злоупотреба на службената положба во случајот „Рекет“, завршува на 15 септември, а во меѓувреме и Советот на обвинители се очекува да започне постапката за нејзино разрешување.
Власта не се согласува со опозицијата и предлага обвинителите во СЈО да преминат со работа во Обвинителството за организиран криминал се додека им трае мандатот од 5 години, што значи до 2020 година. Дотогаш се очекува судските предмети кои веќе се започнати да добијат судска разрешница и да завршат истрагите кои се прекинати поради правното мислење од Врховниот суд.
Десковска кажа и дека личната одговорност на Катица Јанева не може да се поврзува со колективната одговорност. „Ако беше така, ние ќе останевме без ниту една институција со оглед на сите обвиненија кои беа покренати изминативе 11 години“.
„Врзувањето на личната одговорност не треба да се врзува со колективната. Видовме во изминативе 11 години сериозни обвинувања за претходната влада и за премиерот и за министерката за внатрешни работи. Владата се уште постои и Министерството за внатрешни работи – имајќи предвид што се случуваше изминатите 11 години, ако личната одговорност ја поврзувавме со колективна ќе немаше институција во државата“, кажа министерката за правда Десковска.
Во предлог Законот за Јавно обвинителство, власта предлага истражителите кои работат во СЈО или да се вратат во МВР или да се префрлат во Обвинителството за гонење на организиран криминал каде ќе се формира истражен центар.
Доколку Законот не го добие потребното мнозинство, Десковска очекува Советот на обвинители да избере в.д. специјален обвинител кој ќе ја преземе улогата на Јанева.
„Ние со сите сили ќе се обидуваме да го донесе Законот, но со почитување на црвените линии. Не е суштински само да донесеме Закон, битен е и квалитетот на законот кој што ќе го донесеме. Разговараме да обезбедиме мноизнство, но ако не се обезбеди мнозинство, очекувам Советот на јавни обвинители да си ја изврши својата задача, да избере в.д. специајален јавен обвинител и да овзоможи контиунитет на СЈО“, рече Десковска.
Новиот Закон за јавно обвинителство е ставен на утрешната собраниска седница кога пратениците треба да гласаат за потребата од донесување на законот. Законот е предложен со европско знаменце што значи роковите за да се донесе законот се скратени. Опозицијата има рок до четврток да достави амандмани на Законот до собраниската комисија.