ВИДЕО: Инцидент во Струмица откако било побарано да се измери јачината на звукот од џамијата

0
141

Припадници на СВР Струмица заедно со инспекторатот за животна средина синоќа нешто по 20 часот биле спречени во намерата да ја измерат јачината на звукот на џамија во турско маало.

Околу 300 верници од исламската вероисповед излегоа на улицата кога полицијата пристигнала во маалото, убедени дека намерата е да се забрани пеењето на оџата, јави порталот „Струмица Денес“.

Од СВР Струмица за порталот изјавија дека дејстувањето било најдобронамерно со цел да се измери јачината која синоќа била поголема од дозволената. Како што велат очевидци за „Струмица Денес“ дошло до инцидент откако дел од насобраните верници извикувале дека ќе ја запалат црквата „Св.15 Тивериополски Свештеномаченици“.

Православното население кое живее во истото маало велат дека тие немаат никаков проблем против џамијата како објект, ниту пак против луѓето од исламската вероисповед, но треба да се внимава на пресилната бучавост од звучниците на џамијата за што потпишаа и петиција.

Од СВР Струмица велат дека ќе биде побарана средба со верските заедници и проблемот во најбрзо време да биде решен на мирен начин без никакви дополнителни инциденти.