Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека министерката за правда е основната пречка што преговорите за законот за јавно обвинителство не се завршени.
-Планот Б е правно погрешен и тоа е само во услуга на неправдата, односно се прави услуга на неправдата во Република Македонија. Јас навистина жалам што министерката за правда на моменти се претвора во министер за неправда и човек толку полн со омраза и гнев кон ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата јас не сум сретнал досега дури и да бил тоа висок претставник или активист од редовите на СДСМ, што во секој поглед гледа да ги минира преговорите конкретно за законот за јавно обвинителство и практично таа е основната пречка што можеби досега тие преговори не завршија, рече Мицкоски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.
На прашање во врска со можното сценарио за предвремени избори, односно техничка Влада кон крајот на декември годинава, а изборите да се одржат на март или април, Мицкоски вели дека не сака да ги коментира тие шпекулации.
-Јас бев доволно прецизен и јасен, избори веднаш се потребни за да Македонија и тргне. Затоа што потребна е најпрвин обнова на Македонија, а потоа и развој. Ова што е денеска секојдневие, нити има некаква врска со обновата, нити пак ќе има некаква основа да се развива нашата татковина Република Македонија, истакна Мицковски.