Шпанија оди на избори – официјалниот прием на Македонија во НАТО се усложнува

0
47

Официјалниот прием на Македонија во НАТО на јубилејниот Самит во Лондон се усложнува. Шпанскиот премиер Педро Санчез објави нови избори, поради неможноста да формира влада, со што земјата ќе оди на четврти парламентарни избори за четири години.

,, Не е возможно да се комплетира мандатот што ни го дадоа Шпанците на 28. Април. Нема мнозинство во Парламентот кое гарантира формирање влада, што не води кон повторување на изборите на 10. Ноември‘‘, изјави Санчез во Парламентот.

Според информациите на Сител, сојузниците од алијансата сепак вршат притисок врз шпанскиот парламент да го ратификува протоколот, пред да се распушти.

Во спротивно, тоа што изгледаше како возможна мисија за полноправно членство преку рекордно брза ратификација на протоколот меѓу земјите членки за членство во Алијансата, ќе се одложи за првата половина на следната година.

За владата процесот е во крајна фаза и е неповратен. Владиниот портпарол најави дека земјава ќе биде на иста маса со земјите членки на алијансата на Самитот во декември, а ратификацијата на пристапниот процес се одвива согласно домашните политички процеси во земјите-членки.

,,Прашањето на полноправното членство е техничко, односно не се очекуваат никакви проблеми со ратификацијата во која било од земјите. Единствено е прашање на време кога ќе се случи, зависно од процедурите на институциите во земјите. Симболично ќе биде убаво ако процесот заврши пред НАТО самитот кој ќе се одржи во декември 2019. година. За да се заокружи 30-то полноправното членство на Северна Македонија, кога НАТО прославува 70 години. Полноправното членство ќе се заокружи кога ќе заврши ратификацијата на протоколот во сите земји членки и финално кога ќе биде ратификуван во нашиот парламент. За споредба претходните процеси на интеграција на последните земји членки на НАТО траеа од една до една и пол година‘‘, изјави портпаролот Мухаме Хоџа.

Претходно, опасноста од пролонгирање на официјалното подигнување на македонското знаме во Брисел доаѓаше од политичката криза во Италија, но таму се реши со ново парламентарно мнозинство. Се уште е неизвесно дали и Велика Британија ќе оди на предвремени избори. Шпанија, Италија и Велика Британија се меѓу останатите 7 членки на алијансата кои не го ратификувале протоколот.

Во САД, ратификацијата треба да помине уште во Сенатот, а процесот треба да заврши и во Исланд, Холандија и Франција.

Извор Сител