Јовески го додели првиот предмет на СЈО: „Монструм“ останува кај Фетаи и Бубевски

0
134

Судењето за случајот „Монструм“ утре продолжува со истите обвинители кои и досега го застапуваа предметот Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски – неофицијално дознава НОВА.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за овој предмет ги овластил истите обвинители – потврдија за НОВА од Јавното обвинителство.

Од таму додаваат дека продолжуваат постапките за распределба на предметите. ЈОРМ нема да дозволи одложување на судските предмети и за тоа судење утре има овластени јавни обвинители кои ќе се појават на судењето, коментираат неофицијално од ЈО.

Во случајот со петкратното убиство имаше голем број „бомби“, кои веќе ги преслушале обвинителите, а има и загрозен сведок.

Одлуката на Јовески ќе се официјализира утре, кога е закажано продолжението на судењето за Монструм.

На претходното рочиште, таткото на едно од убиените момчиња Александар Наќевски, рече дека не сакаат Фетаи и Бубевски да се тргнат од овој случај, затоа што во спротивно тоа ќе значи почеток на судењето по третпат со нови обвинители.

Петкратното убиство се случи на 12 април 2012 година, кај Смилковското Езеро, кога беа убиени четири момчиња и рибар. Врховниот суд ги укина пресудите на Кривичниот и на Апелација, по што предметот го презеде СЈО.

На доживотна казна затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири и Сами Љута. Сејди Рама беше ослободен од вина. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се наоѓаат во бегство во Косово за кои се бара екстрадиција.