Апелација ќе одлучува за жалбите во случајот „Алмир Алиу“

Алсат неофицијално дознава дека во Апелацискиот суд пристигнале жалбите на страните во случајот „Алмир Алиу“. Следните денови се очекува судите од апелација да свикаат јавна седница на која ќе се разгледаат жалбите на страните за судската разрешница. Извори од второстепениот суд велат дека во судечкото тело ќе бидат судиите Енвер Беџети, Јани Ница, Тања Милева, Татјана Дуковска и Гордана Сајковска.

На 4 јануари оваа година, Апелација врз основа на пропусти при судскиот процес, предметот за Алмир го врати на повторно судење. На 21 јуни, Основниот суд во Куманово односно судијката Маја Денкоска ја одреди истата висина на казна како во прв степен, со што обвинетиот Бобан Илиќ доби казна од шест години додека Седат Алиу, Абдула Алиу и Самир Демири беа осудени на 6, односно 9 месеци ефективен затвор.

На почетокот обвинението против Илиќ се однесуваше на кривичното дело убиство со умисла, но по неколку месеци, невропсихијатриското вештачење направено од вештаци без лиценца, беше причина обвинението да се преквалификува во „тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Одбраната на Илиќ не се согласи ниту со преквалификацијата тврдејќи дека првообвинетиот го сторил делото во крајна нужност, што според Кривичниот законик не претставува кривично дело.

Инаку, убиството на Алмир Алиу се случи на 25 јуни во 2016 година во Куманово со автомобил управуван од Бобан Илиќ. На убиството му претходеше вербален конфликт помеѓу Седат Алиу и браќата Бобан и Бојан Илиќ.