Ахмети за Фокус: Албин Курти порано не носеше кравата а сега носи, значи рефлектира во политиката

0
44

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, во интервјуто што го даде за неделникот Фокус пред 3 недели, ги коментираше и предвремените парламентарни избори во Косово и можноста за прв пат да победи лидерот на Самоопределување Албин Курти, што впрочем и се случи. Еве што рече Ахмети во интервјуто објавено на 19 септември годинава во Фокус во бројот 1.250.

ФОКУС: На Косово има избори во октомври и се гледа дека опозиционата партија има добри шанси за победа. Знаеме дека нејзиниот лидер Албин Курти зборува често за обединување на Косово со Албанија. Дали мислите дека тие цели се реални

АХМЕТИ: Имам еден алегоричен одговор. Курти порано не носеше кравата, а сега носи. Значи, тој рефлектира во политиката.

ФОКУС: Се интензивира меѓународен притисок за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина за пронаоѓање решение за Косово. Нашиот премиер и претседателот Пендаровски постојано повторуваат дека интерес на Македонија е да нема промена на границите, поделба, размена на територии, ново разграничување меѓу Косово и Србија и сл. Дали го делите тој став и дали е тој во согласност и со интересите на Албанците?

АХМЕТИ: Мислам дека главниот поблем на Косово после изборите ќе биде дијалогот со Белград. Овој проблем треба да се реши. Косово е проект на нашите меѓународни пријатели. Сега да бидеме искрени, без да се решеше прашањето со името, дали ќе бевме членка на НАТО? Дали ќе почневме преговори за членство со ЕУ? Не! Дали тоа ќе го направевме без договорот за добрососедство со Бугарија? Не! Косово е во иста ситуација. Без решение на спорот со Белград, тешко е да оди напред. Тоа не е прашање што ги засега само Приштина и Белград, туку целиот регион, исто како и нерешениот спор за името. Големите прашања кога се решаваат, предизвикуваат и болка. Но, за да се постигне целта треба да се има одговорност и да се сноси одговорност. Во даден момент, државниците треба да носат и болни одлуки. Србија треба да го прифати Косово како држава, Косово да ја прифати Србија како држава и треба да имаат меѓудржавни договори. Тие прво треба да се разведат, зашто Косово, за Србија, е се уште Косово и Метохија.

ФОКУС: Значи, да бидеме прецизни, мислите ли дека границите не треба да се менуваат?

АХМЕТИ: Ние се држиме до секој договор што ќе го постигнат страните. Мислам дека без меѓународно присуство и олеснувачи овој проблем нема да се реши така како што беше кај нас. Втората тема во Косово ќе биде владеење на правото. Таа партија што ќе победи на изборите треба да има предвид дека треба да го реши спорот со Србија и да работи кон владеење на правото. Но, секој договор што ќе се постигне меѓу страните, за нас е прифатлив. Косово има свој авторитет и институции и тие ќе сносат одговорност.