Владата со „историска понуда“ од 10 отсто, СОНК ќе одлучува дали ќе профати или ќе оди на генерален штрајк

0
66

Десет отсто зголемување на плата од април идната година е последната понуда која Владата ја стави на маса на денешната средба со преставниците на СОНК.

Три часа траеа преговорите меѓу министерот за образование Адеми и премиерот Заев од една страна и претседателот на СОНК од другата.

Според официјалните информации на средбата се анализирале финансиските можности на државата односно колку максимално може да се покачат платите а заедничката оценка е дека преговорите биле конструктивни.

За министерот Адеми ова е историско зголемување на платата во образованието.

Тој нагласи дека не се далеку од барањата на СОНК од 25 отсто бидејќи лани и годинава платата била зголемена за по пет отсто и со најавеното би се достигнале 20 отсто.

Понудата на Адеми и Заев утре ќе биде ставена на редовната седница на Владата и прифатена.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, смета дека владината понуда не е лоша но секогаш може повеќе. Тој потврди дека со најавено зголемување речиси се изедначува нивното барање.

Сепак останува советот на СОНК да одлучи дали ќе ја прифати владината понуда или не, а таа одлука би се донела најдоцна до почетокот на идната недела.

Најавениот генерален штрајк ќе зависи од одлуката на членството и советот на СОНК. Доколку понудата од 10 отсто не биде прифатена штрајкот би почнал наредниот месец.

Според синдикатот просечната плата на наставничкиот и професорскиот кадар во основното образование е 21.600 денари а 22.500 денари во средното образование а кај помошно техничкиот персонал е 13 илајди денари.