Додик: Ако можат Албанците, ќе можат и Србите

0
148

„Усвојувањето нови принципи на Балканот, кои ги заговата Аљбин Курти во обидот за создавање „голема Албанија“ би важело и за другите народи на Балканот, пред сѐ за Србите“, изјави српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик.

„На Балканот не можат да се спроведуваат двојни стандарди – она што му е дозволено на еден народ, на друг не му е, како што тоа го замислува Аљбин Курти. За тоа српскиот народ нема разбирање ниту некогаш ќе го има, бидејќи ако нешто им е дозволено на другите, како што тоа за Шиптарите односно Албанците го заговара провокаторот Курти, зошто тогаш и на Србите не би им било истото дозволено“, кажа Додик за агенцијата Срна коментирајќи ја изјавата на лидерот на косовско Самоопределување Аљбин Курти дека Косово и Албанија треба да се приближат и да се интегрираат во федерација, како Германија.

Додик истакна дека Република Српска се залага за мир и стабилност, за почитување на сите меѓународни обврски, пред сѐ на Дејтонскиот договор, и го поддржува решавањето на сите кризни прашања во регионот по мирен пат, со договор и компромис.

„Но, создавање на таканаречена „голема Албанија“, како што овие денови најавува можниот кандидат за премиер на самопрогласеното Косово Аљбин Курти, би значело и воведување и усвојување на некои нови принципи на Балканот“, истакна Додик.

Курти вчера повтори дека се залага за национално обединување на Албанците во рамки на федерација, никако во рамки на Европската Унија.

„Не можам да кажам дека националното единство се случува во ЕУ. Таму им се придружуваме на Данците, Австријците и Шпанците. Нашиот сојуз мора да се случи тука“, кажа Курти.