Првоосомничениот Бојан Јовановски денеска ќе даде исказ во Обвинителството. Дали ќе посочи и други инволвирани лица, покрај досега осомничените?
Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција до четврток ќе поднесе обвиненија за случајот „Рекет“.
Првоосомничениот во тој случај, Бојан Јовановски (Боки 13), денеска ќе даде исказ во Обвинителството, бидејќи истекува рокот од 15 дена за увид во доказите и предлагање на негови докази. Минатата недела тој лично во Апелацискиот суд побара да му биде укинат затворскиот притвор поради сериозно нарушена здравствена состојба. Дополнително како олеснителна околност ја посочи завршената истрага за „Рекет“.
„Ниту мојот ментален склоп, ниту мојот лик и дело не укажуваат на тоа дека ќе избегам. Кога бев уапсен, не бегав, туку одев на одмор од седум дена. Живеам да ја докажам вистината и својата невиност, рече Јовановски пред судот.
Но, судот ја одби неговата жалба поради опасност од бегство.
Има ли и други?
Јовановски се товари за кривичните дела „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари и други приноси од казниво дело“, односно за изнуда од 1,5 милиони евра од скопскиот бизнисмен Јордан Камчев во замена за негово ослободување од притвор. Тој беше приведен на граничниот премин „Богородица“ на 15-ти јули годинава, и оттогаш е во притвор.
Опозицијата подолг период критикува дека осомничените не би можеле да ги извршат делата без поддршка од лица со политичка моќ и дека Обвинителството треба да ја открие „главата на октоподот”. Досега во Обвинителството беа повикани да дадат исказ бизнисмени, градоначалници, пратеници, партиски функционери на СДСМ и лица од невладината организација на Јовановски.
Завршено е и вештачењето на компјутерите и мобилните телефони одземени од осомничените во рамките на истрагата. Прашањето е – дали Јовановски денеска ќе посочи и други инволвирани лица, покрај досега осомничените?
Трговија со искази
Од 21-ви август во притвор е и третоосомничената – поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева, која се товари за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување”. До четврток таа има можност да даде исказ пред обвинителката Вилма Русковска и право да предложи свои докази и сведоци. Но, нејзините адвокати до пред некој ден се уште немаа добиено инструкции од Јанева како да ја подготвуваат одбраната. Нејзиното барање за укинување на затворскиот притвор беше одбиено само поради ризик од бегство. Другите две основи – повторување на делото и влијание врз сведоците, отпаднаа откако Јанева беше разрешена од функцијата шеф на Специјалното јавно обвинителство.
Во домашен притвор засега е само второосомничениот Зоран Милески (Зоки Кичеец), кој со Јовановски се товари за истите дела. Неговиот исказ даден во Обвинителството подолг период предизвикува интерес, особено откако минатата недела еден од адвокатите на осомничен во „Рекет” телефонски добил понуда за пари да го добие исказот на Милевски. Обвинителството, кое истражува како изјави на сведоци во „Рекет” завршија во еден портал, сега истражува кој изнел исказ на осомничен и кој тргувал со него.