Година и пол откако беше донесен со силно негодување од опозицијата, Законот за јазици се враќа во жариштето на политичкиот интерес по објавувањето на нацрт-заклучоците на Венецијанската комисија.
Законот за јазици во актуелната форма ќе го забави функционирањето на комплетниот правосуден систем, предупредува Венецијанската комисија во нацрт-заклучоците кои беа објавени од порталот „Плусинфо“. Оценката, иако се уште не е официјална, предизвика бура од реакции во земјата. Опозицијата оцени дека ставот на Комисијата е „шлаканица за владата“. Од партиите на Албанците сметаат дека Законот е добар- таков како што е, додека владата се воздржува од коментар додека не пристигне официјалната оценка.