Околу 1,4 милиони лица на Западен Балкан работат непријавени, во С. Македонија 18,5 отсто

0
31

Oколу 1, 4 милиони луѓе од шесте држави на Западен Балкан работат непријавени, а според грубите проценки вкупната загуба во приходите на шесте економии поради тоа изнесуваат неколку милијарди евра.

Овие податоци беа изнесени денеска во Сараево на меѓународна работилница во организација на Регионалниот совет за соработка (РСС), на која учествуваа претставници од политиката, социјални партнери и експерти од земјите од Западен Балкан.

Според податоците изнесени на собирот, во Република Северна Македонија удделот на неформалното вработување во вкупното изнесува 18,5 отсто и тоа е најмал процент на Западниот Балкан, додека највисокиот е во Црна Гора со уддел од 33 отсто.

„Според анкетите за работната сила се проценува дека помеѓу 20 и 30 отсто од вработените работат непријавени, додека според истражувањата на претпријатијата што ги спроведува Светска банка, речиси половината, односно 49,2 отсто од фирмите во регионот се натпреваруваат со фирми што работат на црно“, изјави Маја Ханџиска Трендафилова, шефица на програмски оддел на РСС.

Таа додаде дека со оглед на големината на проблемот и на фактот дека тој е идентичен во целиот регион, „најдобриот одговор лежи во структуриран регионален пристап кој не е базиран само на санкции, туку и на поттикнување за преминување во формално вработување, меѓу другото и со информирање за користа од истото“.

РСС заедно со Меѓународнат организација на трудот (ИЛО) во наредните три години ќе работат на спроведување на втората фаза од проектот Платформа за вработување и социјални прашања што го финансира Европската унија, се наведува во соопштението на РСС.