РАЗМИСЛУВАВ И ЗА ОСТАВКА, НО НЕМАМ ПРАВО ДА СЕ ОТКАЖАМ ОД ДОВЕРБАТА НА ГРАЃАНИТЕ, РЕЧЕ ЗАЕВ

0
118

Имав различни размислувања вчера по недобивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ, но немам право да се откажам од довербата на граѓаните, кажа премиерот Зоран Заев одговорајќи на новинарско прашање дали по случувањата во Брисел размислувал да поднесе оставка. Заев ова го кажа откако денска најави брзи предвремни избори, бидејќи Европскиот совет одлучи да не ѝ додели датум за почеток на пристапни преговори за влез во ЕУ и реши за ова прашање да се расправа на следниот самит на лидерите во мај 2020 во Загреб.

„Го почувствував гневот и разочараноста на граѓаните. Ме водеа секакви размислувања. Разговарав со пријатели, партиските и владини соработници, како и со дел од европските лидери. Оставив денот да помине, да преспијам. Немам право да се откажам од довербата на граѓаните. Тие на предвремените избори ќе одлучат по кој пат ќе одиме. Не сме сјајни, имаме грешки, но немаме друг пат“, рече Заев.
И покрај ветото, Заев кажа дека Франција е наш пријател и не треба да ги губиме пријателите. После одлуката во Брисел не разговарал со претседателот Емануел Макрон и посочи дека како Влада 4 месеци барале средба со него, но не успеале да договорат, а се надева дека во наредниот период таа ќе се одржи.

Заев верува дека еден ден земјава ќе биде членка на Европската Унија, но додека европските лидери решат да ги отворат вратите, треба да работиме да ја направиме Македонија европска земја.