Филипче: Од следната година сите специјалисти ќе земаат нето-плата од 100 илјади денари

0
40

Министерот за здравство, Венко Филипче, на собраниската седница посветена на пратенички прашања истакна дека и досега постоела соработката за детската кардиохирургија при спојот на експертизите од јавното и приватното здравство.

– Флуктуации во тимот секаде во светот постојат. И двете приватни болници имаа важечки договори да изведуваат детски кардиохируршки операции. Таму се изведуваа досега. Не е тоа никаков новитет – потенцираше Филипче и додаде дека во приватните болници се плаќа само услугата, исто како што се плаќа и на државната клиника, но не се плаќаат трошоците.
Министерот кажа дека со инвестицијата во платите и дежурствата, има доктори коишто и сега земаат нето плата од 100 илјади денари, а во овој момент се работи на обезбедување на буџет за тоа да важи за сите лекари специјалисти следната година.

Од собраниската говорница, Филипче изјави дека со големиот број на вработувања, зголемен е капацитетот на јавно-здравствените установи на секоја поединечно за 10%.

– Воведовме и нова мерка, за задолжителен шест месечен платен стаж на младите лиценцирани доктори. Ова е одлична стимулативна мерка за да останат во земјата, да стекнат експертиза под менторство на поискусни лекари и да работат на примарно ниво на здравствена заштита, таму кадешто навистина се стекнуваат првичните искуства. Тоа се итната медицинска помош, вакциналните пунктови и патронажните сервиси – истакна министерот.