Што ги вади земјоделците на улица, маката или политиката?

0
47

Мерки за поддршка има, ама задоволство нема. Вака накусо може да се скенираат состојбите во македонското земјоделство. Или барем во дел од него. Оваа индустриска гранка од која егзистираат околу 100.000 семејства во државата со години е во незавидна положба. Факт е дека се инвестира доста, но факт е и дека нема позначителен развој. Иако од година во година, мерките се надградуваат, а субвенциите се зголемуваат. По повеќе основи поддршката достигна околу 150 милиони евра, што е досега рекорден износ.

Преку леб погача

Во вакви услови е логично прашањето, каде е проблемот, зошто има тензии, зошто во услови на рекордна поддршка дел од земјоделците се незадоволни и се мобилизираат за протести пред Владата? Дел од експертите предупредуваат дека проблемите се комплексни, но состојбите далеку од критични за јавно да се манифестира незадоволството:

„До кога земјоделците ќе чекаат од државата да даде повеќе. Па заедно со субвенциите и руралниот развој има 150 милиони евра годишно, што не е воопшто мала сума за овој наш буџет. Проблемот е што тие се генерално неорганизирани, односно поделени. Покрај Федерација, има повеќе здруженија кои се разединети. Не се посветува доволно внимание на кооперативите да заживеат. Да договорат заеднички да истапат на пазарот, да истражуваат пазари, да вложат малку пари во репроматеријали. Да формираат заеднички систем како што е во Европа, каде функционираат земјоделски претпријатија и капацитети како сервис на примарното производство. Отидете во Италија да видите како е со лозарството, или во Данска со млекарството. Вака, секој може да ги уценува и тоа трае со години. Затоа е незадоволството и затоа трговците и откупувачите ги користат нивните слабости“, реагира универзитетскиот професор Борис Анакиев.

Погрешна тактика

Тоа што работите кулминираат на улица според Анакиев е погрешна тактика за која се сомнева дека е повеќе мотивирана од политиката отколку од вистинската мака на земјоделците:

„Апсолутно е политика, бидејќи нема никакво оправдување за да се протестира. Реално состојбите се далеку од такви за да се излегува на улица. Што ќе бараат тие повеќе од овие пари кои се доделуваат за субвенции. Не дека нема проблеми, но решението за нив не треба да се бара на овој начин. Но има индоктринирани земјоделци, а сведоци сме како сега тие се подбуцнуваат, пред изборите да се претстави поинаква слика и некој од тоа да профитира политички“, предупредува Анакиев.

Weinanbau in Mazedonien (dpa)
Она што според него е проблем и за што треба да се бара решение е да се притиска за законски измени кои го ограничуваат слободниот пазар во оваа гранка. Но чудно е вели што никој од незадоволните за ова не реагира и бара промени:

„Уште со првиот закон за земјоделство и рурален развојсе ограничи земјоделското производство да се плати во нормален рок само 20% а другото да се чека до шест месеци. А по уставот сите се еднакви. Да се одобри извоз на грозје ако има подобри услови да има слободен пазар. Оти не смее државата да ограничува. Но тоа уште стои во законот и никој за тоа не се буни. Лани за грозјето направија рокот за исплата на парите од откуп да биде три месеци, но што е со останатите култури. Тие и натаму чекаат по шест месеци. Такви работи има и за тоа треба да се организираат и да притискаат институционално, а не вака со протести“, предупредува Анакиев.

Има ли сепак политичка запршка?

Шесте земјоделски здруженија се мобилизирани и преку протест пред Владата сакаат јавно да изразат револт поради недоследности во субвенционирањето, лошите политики на владата но и на откупувачите за кои сметаат дека заработувале на нивниот грб:

„Ние не гледаме политика туку само си бараме пари за субвенции уште од летото кога можеме да ги искористиме за да инвестираме во шталите и во репроматеријали. Чекаме со месеци и сакаме да работиме. Да бидеме исплатени, редовно како што се исплаќаат и другите земјоделци, без разлика кој да биде на власт“ изјави Борче Бучински, еден од организаторите на протестот.

Покрај млекарите, незадоволни се и производителите на ориз, сточарите, лозарите:

„Револтирани сме што откупните цени се ниски, нема ништо од субвенции. Ниту од пченка ниту ништо. Сите сме револтирани од маки. Немаме субвенции ниту ништо. Ни од пченка ниту од ништо“, реагираат земјоделците од Пелагонискиот крај.

Надлежните сметаат дека состојбите се далеку од толку лоши за да мора да се решаваат преку протести. Субвенциите се исплаќале редовно, а досега биле исплатени 72% од парите наменети за земјоделците. Министерот Димковски се сомнева дека зад протестот стои политика:

„Ова остава малку и мирис на политичка запршка во која што се става некој зачин само да се долее на ова, веќе знаете дека изборите се најавени за 12 април, а ВМРО-ДПМНЕ вчера излезе со јавна поддршка на протестот. Но тие можат да излезат со јавна поддршка, но она што можевме да го слушнеме и од аудио снимките дека токму тие се и организаторите на ваквите протести“, изјави Трајан Димковски, министер за земјоделство.

Македонското земјоделство сега и пред 25 години
Опозицијата пак реагира дека политиките на власта биле погубни. Јавно изразија поддршка на земјоделците и најавија дека ќе бидат рамо до рамо со нив:

„ ВМРО-ДПМНЕ е со земјоделците во овие тешки времиња. Го разбира нивното незадоволство, кога владата нема разум, тогаш протестот е единственото решение. Заев ветуваше сигурен откуп и високи откупни цени. Зголемени субвенции, гарантни фондови, и зелена нафта за сите. Осовременување на механизацијата и инвестиции во водостопанството. Три години откако е на власт откупот е слаб, а откупните цени ниски“, изјави Цветан Трипуновски од ВМРО ДПМНЕ.

Според Димковски, тоа што деновиве се исплаќаат дел од парите за субвенции не било обид за смирување на состојбите туку напротив, реализирање на планираното. Оризопроизводителите добија 667.000 евра, а 2,5 милиони евра легнале и на сметките на млекопроизводителите.

До сега на сметките на земјоделците биле исплатени 108 милиони евра од вкупно планираните со ребалансот над 150 милиони евра финансиска поддршка.

„Од редовните близу 5 милиони евра се исплатени на полјоделците, градинарите, лозарите и производителите на семе и саден материјал. Со ребалансот се обезбедени 160 милиони денари за интервентната мерка од 3 денари за производителите на јаболка која беше донесена во 2018 година. За мерката депопулација на свињите поради болеста свинска чума обезбедени се вкупно 40 милиони денари. Годинава дополнителна мерка од еден денар добија и мелничарите за откуп на 40 милиони килограми пченица“, изјави Димковски.

Дополнително, земјоделците добиваат и финансиска поддршка за зелена нафта. Досега за оваа намена преку персонализирани 55.000 картички на земјоделците им биле исплатени околу 1,2 милиони евра. Надлежните најавуваат дека од наредната година, ќе бидат достапни и пари од европските фондови кои досега многу малку се користат. Дополнително и околу 80 милиони евра од КФВ Германската банка за поддршка на развојот. Овие средства ќе можат да се употребат за повеќе капитални проекти од кои клучни се оние за наводнување на земјоделските површини.