Јавно обвинителството: Фактите во текстот на „Ла Верита“ се неточни и непроверени

0
39

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција преку соопштение ги демантира наводите изнесени денеска во италијанскиот весник „Ла Верита” во текстот под наслов „Искри помеѓу Париз и Берлин поради Скопје, Канцеларката пробува да го спаси Заев”.

-Невистинитите и непроверените факти во текстот освен како моментална сензација за непознавачите на состојбите во нашата држава, не придонесуваат во остварување на каква и да е друга цел. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во неколку наврати укажа дека само официјално добиените информации од обвинителството се веродостојни, што не е случај со објавениот текст, соопшти службата за односи со јавност на Јавното обвинителството на Република Северна Македонија.

Во однос на наводите во текстот дека висок функционер на политичка партија, со носечка функција во Собранието на РС Македонија е во куќен притвор, Обвинителството вели дека е точно оти со новоотворената истражна постапка е опфатен и тој функционер, но нагласува дека за него по предлог на обвинителството се изречени алтернативни мерки за обезбедување. Тоа значи одземање на патна исправа, забрана за напуштање на живеалиште и престојувалиште и јавување во судот еднаш неделно.

-Понатаму во текстот се вели дека од Управата за финансиско разузнавање е добиена потврда за фактот дека врз база на сомнение за незаконски дејствија во ноември 2018 година е замрзнато плаќањето на 750.000 евра извршено во корист на физичко лице поврзано со хуманитарна организација против која обвинителството води истражна постапка. Во продолжение е истакнато дека без ниту една дополнителна истражна активност парите биле префрлени на сметката на примателот во следните 48 часа по наредба на сегашниот Основен јавен обвинител Вилма Русковска. Во однос на ова, обвинителството цени дека јавноста треба да го има предвид фактот дека Управата за финансиско разузнавање кон крајот на 2017 година до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави иницијатива за сомнителни трансакции во износ од 719.000 евра, стои во соопштението.

По оваа иницијатива, дополнува Обвинителството, постапуваше надлежен обвинител и донесе Наредба за замрзнување на средствата, како и наредба по која постапуваше Управата за финансиска полиција. По добиените известувања од Управата за финансиска полиција дека нема основи за сомневање за извршената трансакција, на 12.4.2018 година средствата беа одмрзнати и според наши сознанија подигнати наредниот ден (13.4.2018 година). Советот на јавни обвинители на 14.11.2018 година, седум месеци по подигнувањето на средствата, Вилма Русковска ја избра за Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, стои во демантот.

Обвинителот што се споменува во текстот, објаснува Јавното обвинителство, е дел од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и негова должност и обврска е да соработува и одговара како пред Основниот јавен обвинител, така и пред Јавниот обвинител на РС Македонија. Наводите изнесени во текстот на „Ла Верита” за наводно негово сведочење пред Јавниот обвинител не ја отсликуваат вистината.

-Водејќи се од големиот интерес на јавноста, но и од сензитивноста на предметите, особено оние што се водат во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, обвинителството секојдневно настојува во рамките на можностите да сподели детали што нема да наштетат на истрагите, а на јавноста ќе и овозможат да има реална слика за текот на постапките. Со објавување на ваков вид на текстови и тоа во странски медиуми се повредува пресумпцијата на невиност, се загрозуваат животи на инволвираните лица и воопшто сe отежнува текот на постапките. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и укажува на јавноста дека ваквите непроверени информации со ограничена цел, нема да влијаат врз решеноста на обвинителството професионално и неселективно да ја врши својата уставно определена надлежност и да и застане на патот на корупцијата, стои во демантот.

Претходно во изјава за МИА државниот обвинител Љубомир Јовески ги означи како чиста шпекулација наводите што ги објави италијанскиот весник „Ла Верита”, наведувајќи меѓу останатото дека во периодот за којшто пишува весникот Русковска не била раководител на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

-Тоа е чиста шпекулација затоа што во тој период ниту Русковска била раководител на Обвинителствотото за гонење на организиран криминал и корупција, ниту пак има вистина во тоа кој и како се јавувал и за што се јавувал, изјави за МИА Јовески.