Катица Јанева задржана во болница поради проблеми со срцето – сама ќе ги сноси трошоците за лекување

0
144

Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева денеска е задржана во клиниката „Жан Митрев“ на понатамошно следење, како пациент во сомнителна прединфарктна состојба, изјави нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска.

Здравствените проблеми, велат одбраната и некои бивши колеги обвинители од СЈО, на Јанева ѝ биле од претходно, бидејќи на работа гледале кога ѝ се слошувало поради висок крвен притисок. Таа имала и една интервенција додека била Специјална обвинителка, дознава „САКАМДАКАЖАМ“.

Јанева во затворот во Шутка не е сместена во Хашкото одделение, туку е во обична ќелија со друга притвореничка, но одбраната вели дека таа воопшто не се пожалила на условите во кои престојувала во затворот во Шутка.

Јанева е однесена во приватната клиника „Жан Митрев“ по избор на нејзиното семејство и таа ќе остане таму неколку дена.

Трошоците за лечење на притворени лица во приватни клиники ги сноси осомниченото или обвинетото лице, тие не се на товар на Управата за извршување санкции, односно на затворските институции.

Јанева претходно ја примаше соодветната терапија во затворската амбуланта, а денеска имаше прв преглед надвор од затворот.

Претходно, одбраната на Јанева побара притворот да и биде заменет со куќен притвор, но Судот го одби ова барање.

Јанева е обвинета во аферата „Рекет“ и издржува мерка притвор во истражниот затвор „Скопје“.