Општина Куманово: Резултатите од мерната станица се високи зошто е блиску до котелот за греење на болницата

0
79

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, во однос на информациите за високото загадување на воздухот, вели дека проблемот е во тоа што мерната станица за мониторинг последните десетина години е поставена во кругот на Кумановската Болница, непосредно до котелот за затоплување на истата, поради што го регистрира согорувањето на фосилно гориво.

„Анализата на информации добиени од мерната станица за каков тип на загадувач се работи, покажува дека најголемите пикови на загаденост се резултат од палење на фосилно гориво и истите се во период кога котелот за затоплување на болницата се пали, но после краток период се нормализира состојбата на штетните ПМ 2,5 и ПМ 10 честички“, се наведува во известувањето на кумановскиот градоначалник.

Од општината уверуваат дека овој проблем е детектиран и за истиот се преземаат соодветни мерки.

„Проектната документација за изградба на траса до болницата со цел гасификација на градската болница е во завршна фаза и прашање е на денови кога ќе се спроведе“, велат од таму.

Воедно се надеваат на поддршка од Министерството за здравство кое, како што велат од општината, треба да одвои одредени средства кои се потребни за инсталација односно преадаптирање на грејниот котел од мазут на природен гас.

Градоначалникот Димитриевски, во меѓувреме го задолжил ЈП „Чистота и зеленило“ да изврши аеросолизација на воздухот во централното градско подрачје каде концентрацијата на ПМ10 честичките е најголема, а од општината посочуваат и дека се во тесна соработка со Министерството за животна средина кое е надлежно за одржување и редовно калибрирање на мерните станици.