Се уредува плочникот пред влезот на ГТЦ

0
139

Градежни екипи работат на уредувањето на плочникот на влезот на ГТЦ и градскиот плоштад.

– Ова е еден од најзапуштетните простори во централното градско подрачје, а во наредниот период ќе се одвиваат градежни активности што ќе значат целосно осовременување и целосен нов лик на овој простор. Тука е и местото каде што е родена Мајка Тереза, која во 80-тите години го засадила дрвото во малото паркче, место што претходно беше продадено за да се изградат шпанските скали. Овде ќе ја покажеме различноста, со нов и модерен јавен простор што граѓаните го заслужуваат – изјави Шилегов.

Како што рече тој, град Скопје сериозно инвестира во нови јавни површини, бидејќи тие се места што најмногу ги користат граѓаните. Пред ГТЦ, освен плочки од три вида, на површина од речиси 5000 квадратни метри дополнително ќе бидат засадени 22 костени, ќе биде изведена патека за лицата со инвалидитет, а ќе биде поставена и соодветна урбана опрема со оптимален број клупи, корпи за отпадоци, осветлување и заштитни столбови.

– Верувам дека граѓаните веќе препознаваат како чекор по чекор го менуваме изгледот на градот на начин што обезбедува сериозно повисоки стандарди за квалитет на урбаните јавни простори. Менувајќи го изгледот на централното градско подрачје на овој начин за 2-3 години сите заедно ќе уживаме во едно многу попријатно и поубаво Скопје со кое уште повеќе ќе се гордееме – нагласи Шилегов.

За реализацијата на овој проект од градскиот буџет ќе се потрошат околу 33,2 милиони денари со вклучен ДДВ.