МЗШВ: Зголемена финансиска поддршка за младите земјоделци и предфинансирање на инвестициите преку ИПАРД

0
97

Со  измените на Законот за земјоделство и рурален развој се зголемува неповратната финансиска поддршка за младите земјоделци до 40 години од 10.000 на 20.000 евра. Мерката ќе биде за започнување и вршење на земјоделска дејност.

Измените предвидуваат отворање на можност за предфинансирање за корисниците на мерките од ИПАРД програмата за инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделски производи. Мерките од оваа програма овозможуваат кофинансирање на трошоците за инвестиции во изградба и реконструкција на преработувачки капацитети по принципот 50/50. Поточно, досега 50 отсто (или повеќе зависно од мерката) од инвестицијата на барателот се покрива преку ЕУ фондовите (ИПАРД), а остатокот е сопствено учество на барателот/инвеститорот. Сега со измените на Законот, се овозможува предфинансирање односно инвеститорот ги добива парите однапред пред да вложи за да може да инвестира. Конкретно, сопственото учество на  инвеститорот се покрива од националниот буџет, којшто има обврска на 8 еднакви годишни рати овој дел да го врати без камата. Тоа ќе биде утврдено со договорот за користење на оваа финансиска помош.