Сасоли: По блокадата, ЕУ перспективата на Северна Македонија е пожива од вчера

0
159

Белгија– Во интервју за МИА пред неговата посета на Северна Македонија в понеделник, новоизбраниот претседател на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, вели дека блокадата на преговорите во ЕУ ја освести европската јавност за важноста на ова прашање. За Сасоли, француското вето на последниот самит е само мала пречка на патот која ќе се надмине во наредните месеци.

Претседателе, ќе ја постите Северна Македонија идната недела, ова е ваша прва посета надвор од ЕУ откако стапивте на функцијата претседател на Европскиот Парламент, зошто ја одбравте Северна Македонија?

Одлучив првата посета надвор од ЕУ да биде во Северна Македонија, а потоа Албанија. Затоа што верувам дека овие две земји направија огромни напори да станат членки на ЕУ, и ние треба тоа да го признаеме и да им помогнеме на нивниот пат кон успехот. Нема да се откажеме. Најдоброто нешто, освен тоа што има мала пауза во процедурите сега е што владите, парламентите и јавното мнение во ЕУ поддржува отворање на пристапните преговори со овие земји. Ова е точно и на север, и на југ и на исток, и на запад на ЕУ. Како во секој демократски процес, се разбира, мораме да постигнеме одлука со консензус. Имаше минорни противења во овој случај, но верувам дека многу скоро ќе можеме да ја надминеме оваа пречка. Северна Македонија и нејзиниот народ тргна на пат кон многу важни реформи и тоа го сторија затоа што веруваа дека тоа ќе ги отвори вратите за членство. Ние ги вреднуваме овие резултати како крајно позитивни. Ова е вистина и во Европскиот Парламент и Европската Комисија но и во огромното мнозинство влади на земјите членки. Имаме заедничка судбина.