СЈО – Обвинителство без обвинители, без плати и без политичка поддршка

0

Деведесетина вработени во СЈО се оставени да се снаоѓаат како знаат и умеат. По приведувањето на Јанева, нема кој да им потпише исплата на плати, одмор, боледување и отказ. Тужба е една од опциите. Решението е Закон за јавнообвинителска служба за која владеачката коалција нема воља да го донесе

СКОПЈЕ – „Тажно е да се работи во СЈО. Тажно е да гледаш како згаснува една силна институција. Се е побавно, времето не поминува, фали адреналин…“, вака нашиот соговорник, службеник во СЈО, опишува како изгледа денес да работиш во Обвинителството кое до пред само неколку месеци беше симболот за правда и борба против корупцијата и криминалот на белите крагни.

Тој е еден од речиси деведесет службеници кои веќе два месеци немаат добиено плата бидејќи нема кој да ја потпише исплатата. Јанева е во притвор и го очекува судскиот процес а политичарите никаков да се договорат околу статусот на СЈО и евентуалниот избор на нов шеф. Освен обвинителите кои сега примаат плата од Обвинителството и истражителите кои се на платниот список на МВР, сите останати односно стручните соработници, истражувачкиот центар и техничкиот персонал се со речиси празни трансакциски сметки.

„ Не размислувам на отказ. На крајот на краиштата и да го дадам нема кој да го потпише. Но не размислувам во тој правец. Обврзана сум со договор до 15 септември 2020 година и ќе го испочитувам договорот до последен ден. И да нема струја, и да нема вода, јас повторно ќе доаѓам на работа.Сакам СЈО да продолжи, сакам да опстои. Јас сеуште верувам во тимот тука“, вели една од вработените во СЈО, која инсистира на анонимност.