Филипче: Клиничката болница во Тетово е акредитирана и за 15% е зголемен медицинскиот персонал

Клиничката болница во Тетово е акредитирана од Агенцијата за акредитација. Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче при денешната посета во оваа јавно-здравствена установа истакна дека како регионален медицински центар, во изминативе две години реализирани се значајни инвестиции за унапредување на условите за третман на пациентите.

„Извршено е реновирање на инфективното одделение, како и реконструкција на интернистичкиот, хируршкиот блок и лабораторијата, со што значително се подобрени инфраструктурните услови во оваа јавна здравствена установа“, изјави министерот Филипче.

Во делот на нова медицинска опрема, минатата година е набавена комплетно нова опрема за лапароскопија, 12-канален ЕКГ апарат, фитотерапевтска лампа, ортопедски продолжен уред за операционен стол, апарат за електрохируршки генератор, 2 лабораториски центрифуги, како и транспортни колички за бебиња. Истовремено, во оваа јавна здравствена значително се зајакнавме и човечките ресурси.

„Во изминатиот период, реализирани се 109 вработувања на неопределено време, 45 се ангажирани со договор на дело и во тек се 24 вработувања со преземање. Вкупниот број на вработени е 791, со што значително, за 15% го зголемивме капацитетот со човечки капитал во здравствената установа. Здравствените работници имаат зголемени плати, им овозможуваме достоинствени услови за работа“, рече министерот Филипче.