МНОГУ ЖЕЛБИ И ВЕТУВАЊА ВО НОВИОТ БУЏЕТ – ќе има ли доволно пари

0
85

Дали е реален или не, експертите се поделени, но никој не го фали дека е особено развоен.

Откако Владата најпосле го стокми и го претстави пред јавноста, предложениот буџет за 2020 година во следните денови ќе биде предмет на економска и политичка дебата. Конечниот збор ќе го кажат народните избраници, а распоредот на силите гарантира дека ќе биде донесен.

А иако власта вчера уверуваше дека со големите „честења“ за повисоки пензии и плати во јавниот сектор не се прави предизборен поткуп на гласачи, туку се вложува во човечкиот капитал, според познавачите, нема сомневања дека државната каса „тежи“ и од предизборни елементи. Експертите укажуваат дека во човечки капитал не се вложува само со зголемување на платите, туку и со многу работа и реформи.

Борче Треновски, професор на Економскиот факултет во Скопје, УКИМ, за Фактор вели дека емпириската анализа на буџетите во последните 15 години јасно покажува дека определни буџетски ставки во предизборните буџети постојано се зголемуваат, како што се јавната потрошувачка, платите и надоместоците, трансферите и субвенциите, социјалните надоместоци, како и капиталните расходи.

„Ова јасно укажува на поврзаноста на политичкиот со економскиот циклус, што не треба да не изненадува, меѓутоа особено е важно да разбереме колкава е улогата на државата во оваа фискална приказна за да ја добиеме реалната слика – што е особено тешко. Новиот буџет има мото ‘Вложување во човечки капитал’, а нашата обрска како граѓани е да ги потсетиме политичарите дека зголемувањето на платите не е единствен начин на вложување во човечки капитал, туку само една „нишка“, која ќе исчезне во маглата, доколку не е придружена од јасно оценување на перформансите, рационализација, силна деполитизација, како и вложување во капацитетите (а не само во платите) на јавната администрација, во образовниот и во здравствениот сектор, правосудството, локалната власт итн, што е  голем предизвик за политичките елити и главна пречка за еден буџет, без разлика на неговата големина да се нарече „развоен“, вели Треновски.

Бранимир Јовановиќ, поранешен советник на екс министерот за финансии Драган Тевдовски, има сериозни забелешки за тоа како ќе изгледа националната каса во следната година.

„Буџетот за 2020 година би го опишал со три збора – голем, нереален и загрижувачки. Голем, затоа што расходите се проектирани да бидат повисоки за околу 200 милиони евра од претходната година, што само по себе не е толку страшно, знаејќи дека ние како држава имаме релативно мал буџет, но е проблематично од гледна точка на структурата на тој раст, бидејќи растот во голема мера е за задоволување на одредени групи во пресрет на изборите, како високопрофитабилните компании, кои не беа исклучени од мерката за субвенционирање на придонесите, иако со тоа ќе се заштедеа значајни средства, и пензионерите, кои во стилот на претходната влада, повторно добија паушално зголемување на пензиите, иако е добро познато дека пензискиот фонд се соочува со сериозни проблеми. Нереален, затоа што е проектирано дека приходите ќе бидат повисоки за околу 200 милиони евра отколку во 2019, што нема шанси да се случи, со оглед на тоа што се укинува прогресивниот данок, со што буџетот губи околу 40 милиони евра“, вели Јовановиќ