Албанскиот Парламент ги усвои спорните Закони за медиуми

0
116

По повеќечасовна расправа албанскиот Парламент синоќа го усвои „пакетот закони за спречување клевета“, кој предвидува високи казни за онлајн медиумите и дополнителни овластувања за државните надзорни агенции.

За пакетот закони гласаа 82 гласа од албанското владејачко мнозинство, против беа 13 пратеници, петмина беа воздржани, а исто толку не гласаа.

Со новите законски решенија Агенцијата за аудовизуелни медиуми (АМА) добива надлежност да казнува па дури и да затвора портали доколку оцени дека објавиле клевета или лажни вести.

Пакетот беше усвоен и покрај протестите на 15 албански новинарски здруженија и невладини организации, кои го повикаа Парламентот да ги отфрли новите закони предложени од Владата, истакнувајќи дека тие ќе ја нарушат слободата на изразување и слободата на медиумите и е во судир со меѓународните принципи. Тие сметаат дека АМА не може да има компентенци кои му следуваат на судот.

Премиерот Еди Рама бранејќи го владнот предлог, од собранската говорница рече дека целта на усвојувањето на двата нови закони е борба против лажните вести и дека тие биле целосно во согласност со меѓународните стандарди.

– Наша цел е да поставиме стандарди за да се почитуваат човековите права. Владата соработуваше и законите ги подготви заедно со ОБСЕ, изјави Рама.

Последниот збор сепак го има претседателот Илир Мета, кој доколку се има во предвид подршката што претходно ја даде на новинарските здруженија, повеќе од сигурно е дека нема да го потпише ќе го врати во Парламентот.

Вакво нешто најави и Рама од собраниската говорница.

– Од денеска сите Албанци треба да знаат дека имаат на располагање еден инструмент кој ќе биде ставен во функција по Нова година, зашто Претседателот ќе ни го врати пред Нова година,рече Рама.