ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ ЗА БУЏЕТОТ – како ќе се трошат народните пари идната година

0
71

Од денеска па најмногу во наредните пет дена народните избраници треба да го кажат конечниот збор за најважниот емкономски документ – буџетот за идната година.

Приходите во Предлог-буџетот за 2020 година се проектирани на 222 милијарди и 300 милиони денари (3 милијарди 615 милиони евра), што претставува раст од 5,6 отсто споредено со оваа година. Кај расходната страна на буџетот планиран е раст од пет отсто во однос на минатата година со што вкупните расходи изнесуваат 239 милијарди и 700 милиони денари, односно три милијарди 898 милиони евра.

 

Буџетскиот дефицит за 2020 година е предвиден на ниво од 2,3 отсто од БДП, што е пониско од нивото во 2019 година кога изнесуваше 2,5 проценти, согласно со Фискалната стратегија 2020-2022, како и препораките на меѓународните организации.

 

Дефицитот е намален и во апсолутно ниво за 160 милиони денари, и изнесува 17 милијарди 385 милиони денари.

 

Во фокусот на буџетот за наредната година е човечкиот капитал, односно подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор.

 

Министерката за финансии Нина Ангеловска оценува дека инвестициите во човечкиот капитал се клучни бидејќи тие ја движат економијата и ги движат промените.

 

-Пред нас се многу предизвици не само за нас како земја, туку и во светот, и сметам дека инвестициите во човечкиот капитал е нешто што е клучно, затоа што луѓето ја движат економијата. Луѓето ги движат промените и од нас ќе зависи дали оваа земја за една година ќе се придвижи како за пет и ќе бидеме брзи во тоа или ќе одиме назад или ќе стоиме во место, затоа што како што велат секое стоење во место е одење назад, изјави министерката одговорајќи на новинарско прашање на прес-конференција минатата недела.