Не може без Косово“ – Албанските партии против мини-шенгенот

0
97

Албанските партии во Македонија се против Мини-Шенген без Косово. Од ДУИ велат дека за да биде прифатлива идејата за Мини-Шенген, треба да се исполнат четири предуслови.

„Да бидат опфатени сите 6 земји од Западен Балкан; да биде дел од европските регионални иницијативи; поддршка и присуство на ЕУ на овие форуми; поддршка и присуство на САД на овие средби“, вели Бујар Османи од ДУИ.

Од Алијанса за Албанците велат дека идејата за формирање Мини-Шенген е руско влијание.

„Иницијативата за регионална соработка, за Алијанса за Албанците поминува преку Косово и ова треба да ѝ биде јасно и на Албанија. Алијанса за Албанците прави сѐ за да го отстрани руското влијание, кое ни доаѓа во форма на Мини-Шенген од страна на Србија“, изјави Бујаре Абази од Алијанса за Албанците.

Скендер Реџепи-Зејди од Алтернатива вели дека државниот врв во Косово и Албанија треба да се координира и да размисли за национална соработка.

„Пред да размислуваат за регионална и соседска соработка или развој, треба да размислат за нашата братска и национална соработка. Ние сметаме дека како политички субјект, државниот врв во Албанија и Косово треба да ги координираат нивните ставови околу Мини-Шенгенот“, истакна Скендер Реџепи од Алтернатива.

И Движењето Беса со став дека не може да има Мини-Шенген без Косово, додавајќи дека ова не обезбедува долгорочност и дека е неправедно.

„Начинот на кој е презентиран со неинклузивен пристап до овој Мини-Шенген се рекламира доста во последно време. Мислам дека станува збор за неправедна форма која не гарантира долгорочност. Не може некој во 2019 година да планира балкански Мини-Шенген без Косово во него“, посочи Аријанит Хоџа од Движењето Беса.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за германскиот дневник „Дер Шпигел“, изјави дека Мини-Шенгенот е негова идеја. Премиерот на Албанија, Еди Рама, Претседателот на Србија, Вучиќ и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, одржаа неформална средба која траеше 120 минути, а на која станало збор за економска соработка и слободно движење на стока и луѓе низ Балкан. Од друга страна пак, првиот човек на Косово, Хашим Тачи, изјави дека неговата земја не може да биде дел од Самит на кој учествуваат земји кои сѐ уште не ја признаваат реалноста на независно Косово.
Извор ТВ 21