Амбасадорката на САД: ВМРО-ДПМНЕ да не ги заведува граѓаните за значењето на Договорот од Преспа

Aмериканската амбасадорка Кејт Мери Брнс очекува Северна Македонија во најкус можен рок да го добие своето столче во НАТО, а се надева дека е можно уште во март да добие позитивен сигнал и од ЕУ.

„Процесот на ратификација сега се ближи кон крајот и многу скоро македонското знаме ќе биде кренато во седиштето на НАТО. Во однос на ЕУ, длабоко бевме разочарани од недобивањето датум во октомври, но сега сме охрабрени, бидејќи од тоа што го видовме изминатите недели има повеќе позитивни изјави од лидерите на ЕУ и од престолнините на ЕУ за значаењето на Северна Македонија, за перспективите за нејзина интеграција, за можностите да отвори преговори со ЕУ и се надеваме дека следните недели и месеци, дури и до март, ќе има многу позитивен сигнал за Северна Македонија, а наскоро и покана за ЕУ преговори“, вели амбасадорката во интервју за ТВ Сител.

Важно е да не се заборави дека добрососедските односи се предуслов за интеграција и членство во ЕУ и во НАТО. Ние знаеме дека Преспа беше компромис, имаше тешки преговори кои подразбираа отстапки од двете страни. Но, она што Преспа го направи е што конечно го откочи патот за Северна Македонија да стане НАТО-сојузник и да го продолжи патот кон ЕУ. Но, уште поважно, и помогна на Северна Македонија да се придвижи напред од позиција на стагнација каде не можеше да се развива политички, економски со иста брзина како многу од своите соседи, во смисла на ЕУ-интеграцијата. Затоа мислам дека е многу важно да се има на ум дека не само што ЕУ го препознава значењето на одржувањето добри односи со соседите како дел од изгледите на Северна Македонија за ЕУ, туку навистина се работи за иднината на оваа земја, за тоа дали лидерите ќе можат да обезбедат таков економски раст и можности, работни места, трговија, странски инвестиции, какви што би сакале да се реализираат. Многу е важно да не се загрозува оваа извонредна трансформација која се случува. Дури и магазинот ,Економист’ на крајот на годината ја издвои Северна Македонија како најтрансформирана земја во 2019 година, главно поради решавањето на отворените прашања со соседите. Да се заштити таа трансформација, да се продолжи движење напред и да не се загрозат сите овие достигнувања со гледање наназад е нешто што се надеваме дека луѓето ќе го сфатат многу сериозно“, вели таа.