Дупките во пензискиот фонд тешко се пополнуваат

0
43

Ревизорскиот извештај открива исплата на пензии на починати, како и пропусти во работењето. Од ПИОМ пак, не ги демантираат пропустите, само велат дека се помали отколку што се прикажува. Аналитичарите велат – недостигаат вистински реформи во овој сектор.

Исплатени пензии на починати лица, невратени пари во Фондот по основ на штета, недостиг на информации за стаж како и за платени придонеси, недостиг на целосно функционален систем за следење на исплата на придонеси, слабости во чување и архивирање на податоци, како и стар систем неинтегриран во целост со 21 век.

Ова се само дел од последните во низата пропусти што ги евидентирал државниот ревизор за 2018 и 2017 година, објавен неодамна. Овие проблеми делумно видоизменети се провлекуваат неколку децении. По архивите на дел од медиумите може да се види и вест од 2004 година во која тогашниот директор на ПИОМ се правда во јавноста дека не било вистина оти по грешка биле уништени досиеа на пензионери и дека системот бил виновен што немале увид во тоа кој редовно плаќа придонеси.

Аналитичарите велат дека проблемите во пензискиот фонд настануваат од лошото менаџирање со институцијата, со нејзината долгогодишна злоупотреба за партиски интереси, како и недостиг на политичка волја за квалитетно подобрување и одржување на системот.

„Проблемите може да се надминат само кога ќе има вистински реформи на системот“, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Извор РСЕ