Зошто е Ирак толку важен за Американците

0
79

Ирачкиот парламент побара повлекување на сите странски војници, но Вашингтон уште не сака да ги напушти своите позиции во Ирак. За владата на Трамп, Ирак и натаму е исклучително стратешки важен од многу причини.

Во прашање е една од најважните надворешнополитички одлуки во поновата американска историја: дали американските војници треба да се повлечат од Ирак? Откако американската војска со дрон го уби иранскиот генерал Касем Сулејмани на багдадскиот аеродром, а Иран возврати со ракетни напади врз воени бази користени и од американската војска во Ирак, судирот меѓу Техеран и Вашингтон ескалира. А Ирак се наоѓа помеѓу два огна. Минатиот викенд ирачкиот парламент побара сите странски војници да ја напуштат земјата.

Со оглед на сериозноста на ситуацијата, американската политика сега остава впечаток на прилична обезглавеност. Во понеделникот во јавноста протече писмо на американската војска до ирачкото раководство во кое се најавува „преместување“ на американските единици. Писмото завршува со зборовите: „Ние ја почитуваме Вашата одлука и барањето за наше заминување.“ Но, само малку подоцна стигна и демант: според зборовите на шефот на американскиот генералштаб, Марк Милеј, станува збор само за грешка, тоа била само прва груба скица на писмото која никако не требало да биде испратена.

Загрозена борбата против тероризмот?
Значи, се негира намерата за повлекување на американските трупи од Ирак. За тоа САД имаат повеќе причини. Военото присуство во Ирак за САД е од стратешко значење. „Од една страна, ние на тој начин можеме да одржуваме лични контакти со припадниците на ирачката војска“, вели Мајкл О`Хенлон, стручњак од американскиот тинк-тенк Брукинска институција. „Така можеме веднаш да видиме кој е таму силен, а кој слаб. Во минатото тамошните сили за безбедност често беа злоупотребувани во политички цели штом ние се повлекувавме“, тврди О`Хенлон. Така, тоа претставува ризик за американските трупи во регионот.

Од друга страна, тука е и прашањето на борбата против терористичката милиција Исламска држава. „Ирак полесно може да се бори против ИД кога ние пружаме поддршка од воздух или во вид на информации на тајните служби“, вели О`Хенлон за Дојче веле.