Истражување: Аерозагадувањето „зема“ 25 години од нашите животи!

0
94

На најголем удар се изложени жителите на Скопје и Тетово, се вели во истражувањето на Институтот за јавно здравје. Нивните студии покажале дека годишно во просек умираат 1205 лица во Скопје и 265 во Тетово како последица од канцерогениот воздух.

„Пресметавме дека оние што предвреме починале и се влезени во оваа наша статистика, да речеме од тие отприлика 1200 животи во Скопје годишно кои се губат – изгубиле 20-30 години, а ако е повисока концентрацијата како во Тетово и до 40 години од сопствениот живот може да изгубат како резултат на тие изложености“, вели Мирјана Димовска научен соработник од Институт за јавно здравје.

За 40 проценти од луѓето кои заболеле и починале од рак на бели дробови причината била токму аерозагадувањето. Но, штетните ПМ10 и ПМ2,5 честички не ги напаѓаат само дишните патишта. Дури 70 отсто од срцевите заболувања се припишуваат на загадениот воздух, а константната изложеност на штетните честички пропорционално го зголемува и ризикот од мозочни удари.

„Не само респираторните, афектирани се крвните садови на срцето, крвните садови на мозокот, така што мозочниот удар е најчест здравствен исход кој што го среќаваме во услови на вакви долготрајни изложености. Во однос на карциномот, дури 40% од оние што заболеле и починале од карцином на бели дробови може да се припише на аерозагадувањето“, вели Димовска.