Паралелно отворање преговори и реформа на ЕУ – остварлив предлог

Италијанскиот амбасадор во Македонија Карло Ромео не очекува новата методологија за преговори со ЕУ да го усложни процесот на проширување со нови членки. Предлогот на Италија паралелно да течат процесот на отворање преговори со реформите внатре во Унијата, според експертите, е реално остварлив.

Во очекување на официјалното објавување на новата преговарачка методологија за проширување на Европската унија, италијанскиот амбасадор во Македонија Карло Ромео вели дека Италија веќе изработила нон-пејпер во кој ги вметнала своите идеи и забелешки во однос на процесот на проширување, кој како што вели, треба да биде поефективен, политички предвидлив и динамичен процес.

Идејата е сосема спротивното. Не да го комплицираме процесот, туку да имаме поефективен, политички предвидлив, динамичен процес. Нашиот пристап, сугестии и идеи се потпираат врз еден услов. Секако дека прифаќаме дијалог, ќе учествуваме во преговорите, но ние не сакаме оваа дебата за новиот механизам да се претвори во нов услов, а особено сметаме дека тоа не треба повторно да го одложи отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија. Ја очекуваме анализата на предлогот од Европската комисија кој ќе се објави во почетокот на февруари, следната недела. Ние остануваме во истиот дух, отворен дијалог и конструктивен пристап“, изјави амбасадорот Ромео во неделното интервју за Слободна Европа.