Последното танго на власта и опозицијата

0
82

До распуштањето на парламентот на 11-ти февруари на сцена е последниот обид за донесување на Законот за јавното обвинителство. Времето е кратко, волјата неизвесна

Во наредниве денови работните групи на власта и на опозицијата ќе направат последен обид за усогласување на ставовите околу предлогот на Закон за Јавното обвинителство. За овој закон преговорите почнаа во почетокот на минатата година, но завршија без успех. Она што сега е на маса, е трета верзија на законот. Времето до распуштањето на парламентот (11-ти февруари) е кратко, ставовите на власта и опозицијата се неусогласени, па голем дел од експертите сметаат дека во такви услови подобро е да не се носи законот, отколку да се донесе набрзина. Но наспроти ваквите ставови, се очекувањата на власта со Законот за Јавното обвинителство да се заокружат реформите во правосудството, битни за интеграцискиот пат на земјата. Последен што ја актуелизираше потребата од овој закон беше новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархелји, кој минатата недела во Скопје изрази надеж дека овој парламентарен состав ќе го изгласа законот. Според вицепремерот за евроинтеграции, Бујар Османи, иако законот не е наведен како услов од Европскиот совет или од Комисијата, важно е тој да биде донесен.

„Советот не ни рече имате уште еден бенчмарк, но индивидуално, одредени земји членки сметаат дека овој закон е важен предуслов за воспоставување на правна држава“, порача Османи.