УБИСТВОТО НА ИРАНСКИОТ ГЕНЕРАЛ СУЛЕЈМАНИ ГИ ЗАОСТРИ ОДНОСИТЕ МЕЃУ ВАШИНГТОН И ТЕХЕРАН

0
75

Нова ескалација на односите Вашингтон – Техеран, но и проширување на кризата во земјите од регионот на Персискиот залив и Блискиот Исток, е можно сценарио за кое анализираат светските експерти по убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани со американски дрон во главниот град на Ирак, Багдад.

Прв на удар би бил Ирак, на што наведува повикот на американската амбасада во Багдад, сите американски државјани итно да ја напуштат земјата, но и да не се приближуваат до амбасадата. Американски дронови извршиле нов напад во Багдад, а цел биле лидери на Движењето за национална мобилизација кои се врска меѓу иранските специјални единици и локалните шиитски милиции.

Новиот напад следува на помалку од 24 часа откако американски „рипери“ со неколку проектили го убија влијателниот ирански генерал Сулејмани. Државниот секретар Мајк Помпео изјави дека нападот бил извршен на основа на проценки на тајните служби со намера да се спасат американски животи во регионот во кој Сулејмани планирал повеќе напади. Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека убиството на иранскиот генерал и не е изведено со цел да се предизвика конфликт со Иран, туку да се прекине војната.