Заболената пациентка е во добра здравствена состојба и е сместена на Инфективна, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче на вечерашната прес-конференција, посочувајќи дека таа има лесна форма на коронавирусот.
Вели дека идентификувани се сите патници кои патувале со неа.
-Станува збор за комбе во кое биле девет луѓе, осум патници и еден возач. Три се идентификувани на две места во Скопје, заедно со роднините на пациентката која што ја пречекале и три места во Струмица. Во овој момент упатени се екипи на епидемиолози заедно со претставници на МВР за да се направи соодветната анкета по однапред утврден прашалник кој што е во регуларниот пристап на епидемиолозите, рече Филипче.
Епидемиолозите треба да дознаат со кој се комуницирале овие патници. Сите лица вечерва ќе останат дома со полициски надзор, како што е тоа предвидено во протоколите.