Ќе ги почитуваат ли институциите новите еколошки стандарди

По континуираниот притисок на јавноста и протестите организирани од граѓанските здруженија, Собранието конечно ги изгласа законските измени со кои се забранува увоз на отпад што се користи како извор на енергија, што, пак, според експертите, можеби и не е решение за проблемот

Можеби забраната за увоз на отпад за согорување не е решение, но кога довербата во институциите е во длабока криза, јавноста, наместо да бара функционални и ефективни институции, бара забрани. Така ја објаснуваат експертите завчерашната одлука на Собранието да ги изгласа измените на Законот за управување со отпад, со кој се забранува увоз на отпад што се користи како извор на енергија.

Овој закон секако дека нема да ги реши сите проблеми со загадувањето, нема одеднаш да го прочисти воздухот, но поставува многу значајно скалило во обидот за воведување ред во државава и ставање на здравјето на граѓаните во прв план. Нема враќање назад. Животната средина и чистиот воздух ќе бидат едни од приоритетите со кои секоја сериозна политичка партија ќе мора да се соочува во иднина – велат од иницијативата О2.