Шилегов: Сите екскурзии на средношколците надвор од земјава ќе се одложат на неопределено време!

0
89

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на денешната прес-конференција соопшти дека до директорите на средните училишта издал наредба своите планирани патувања и екскурзии во Република Италија да ги откажат или одложат на неопределено време.

Шилегов истакна дека Град Скопје во рамките на своите надлежности е целосно подготвен да ги преземе сите неопходни мерки за да се спречи ширење на вирусот Ковид-19 и посочи дека во таа насока, уште пред една недела се преземени превентивни мерки за заштита на здравјето на средношколците и спречување на ширењето на корона вирусот во средните училишта.

– Во 23 средни училишта на Град Скопје учат околу 21.600 ученици и заштитата на нивното здравје претставува сериозна обврска и одговорност за нас како надлежна институција и за директорите кои раководат со училиштата. Согласно со задолженијата добиени од Владата на Република Северна Македонија сите училишта своите планирани патувања и екскурзии во Република Италија ќе ги откажат или одложат на неопределено време. До крајот на оваа недела ќе биде одржан и едукативен час за превенција од вирусот согласно со препораките на Светската здравствена организација и Владата на Република Северна Македонија, истакна Шилегов.

Извор: Фокус