ЕК: Значаен напредок, зголемени напори и исполнети услови за старт на преговори со Северна Македонија

Во Извештајот на Европската комисија за исполнувањето на условите за преговори, кој е основата врз која земјите членки на ЕУ треба да одлучат овој месец дали ќе дадат зелено светло за нивно започнување, се оценува дека Северна Македонија остварила значаен напредок во сите области и му препорачува на Советот да донесе позитивна одлука.

Извештајот треба да се објави најрано денес, а најдоцна до крајот на оваа недела. МИА доби пристап до овој кус документ во кој Европската Комисија го разгледува напредокот во клучните реформски области што ги бараат земјите членки.

Документот заклучува дека со оглед на „значајниот остварен напредок и исполнувањето на условите едногласно поставени од Советот во јуни 2018, Комисијата препорача во својот пакет за проширувањето во 2019 дека Советот треба да започне преговори со Северна Македонија. Општо земено, Северна Македонија ги зголеми своите напори и испорача опипливи и одржливи резултати во клучните области“.