Нина Ангеловска: Фирмите кои работат со добивка да ги плаќаат авансно давачките кон државата

0
86

Нина Ангеловска, министерката за финансии, денеска побара од претпријатијата во секторите кои работат со добивка и не се погодени од кризата со корона вирусот авансно (однапред) да ги плаќаат давачките кон државата за да им помогнат, како што вели таа, на дејностите кои се во незавидна положба во тековниот период.

– Секој ден сите учиме нешто ново, непредвидливоста е многу голема од секој аспект. Бараме солидарност, не е време за профитирање. Помошта треба да ја дадат сега сите. Ги повикав оние компании кои немаат проблеми, кои остваруваат добивки давачките авансно да ги платат. Ние ќе се погрижиме што побрзо да се врши повратот на ДДВ и да се зголеми ликвидноста, повика денеска министерката на прес-конференција пред медиумите.

Таа додаде дека го разбира незадоволството на некои дејности од најавените мерки за помош од страна на државата, но додаде дека тоа се краткорочни, а најефикасни ќе бидат оние кои ќе се испланираат на долг рок.

– Ќе има дополнителни мерки, до сега државата предвиде такви кои ќе помогнат со 100 до 120 милиони евра. Има сектори на кои ќе им треба сериозно опоравување, но тие не може со краткорочни мерки да се спасуваат, тоа е непозната траекторија. Помошта ќе има долгорочни мерки. Економската фела, коморите, ќе бидат информирани навремено. Треба да бидеме во моментов брзи во давањето на тековната помош, рече Ангеловска.

Извор Фактор