Животот ќе се враќа во нормала по пикот, вели Филипче

Регистрирани се 46 нови случаи на коронавирус, а бројот на починати достигна 30 луѓе. Ограничувачките мерки ќе се укинуваат постепено, а подготовките за тоа ќе започнат следната недела

Граѓаните можат да очекуваат постепено олеснување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот откако ќе се достигна пикот на заразата, веројатно кон крајот на април, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Бројот на заразени од Ковид-19 во Северна Македонија денеска достигна 663 лица, откако во последните 24 часа се регистрирани 46 нови случаи. Најголемиот број- 13 се од Куманово, а во Скопје има 12 нови случаи. Досега од болеста починале 30 луѓе.

Филипче вели дека за околу една-петина од сите заразени со коронавирусот во земјата не може да се најде изворот и тоа го објаснува со фактот што многу од нив се асимптоматични. Тоа е и причината, тврди министерот, што се воведени и толку строги мерки за социјална дистанца и ограничување на движењето.

Велигденските и други верски празници во следните недели, граѓаните, сепак ќе мора да ги поминат во своите домови. Филипче најавува дека од следната недела ќе започнат подготовки за олабавување на полицискиот час и враќање на животот во нормала.