Одложено судењето на двајцата насилници од Штип кои пред камера претепаа девојка

0
38

Започна, па на барање на адвокатот се одложи судењето на двајцата насилници кои пред 3 месеци претепаа девојче, а настанот го снимиле и го споделиле на социјалните мрежи на 2-ри април. Адвокатот од Велес, Валентин Зафиров, кој застапува еден од обвинетите, побара судењето да се одложи за во вторник, поради тоа што досега не се сретнал со својот клиент.

Заради корона вирусот не можев ниту контакт да имам во кумановскиот затвор во притворското одделение, бидејќи Стефан, мојот властодавец беше во самоизолација, тако што не сум ни можел конкретна стратегија да изградам – изјави Валентин Зафиров, адвокат.

По објавувањето на видеото јавноста бурно реагираше. Вербални закани имало и кон Зафиров, и тоа според него е нормално, но конечната одлука ќе ја даде судот.

Клетви кон мене и моето семејство, навреди, меѓутоа тоа се должи на фрустрираност на луѓето тоа што го пишуваат. Инаку, во секоја држава, во секој модерен правосуден систем, секој има право на бранител. Тоа е елементарно право и не можете да му го одземете на човекот – додаде Зафиров.

Зафиров не можеше да каже на што ќе се темили одбраната додека не разговара со клиентот.

Можеби би била на негирање на делото, можеби на признавање на делото, тоа зависи и од совеста на обвинетиот – изјави Зафиров.