Полицискиот час за 1 мај денеска на владина седница

0
60

Hа владина седница, како што најави министерот Венко Филипче, денеска треба да се одлучува какви мерки ќе има за претстојниот продолжен викенд за први мај. Предлогот на Комисијата за заразни болести е полицискиот час да почнува во четвртокот во 19 часот и да трае до понеделникот до 5 часот.

Вчера за полицискиот час со став излезе и министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, кој посочи дека според него не треба да има порестриктивни мерки.

„Во пресрет на продолжениот викенд за 1 мај, сметам дека Владата треба да донесе одлука која ќе биде идентична на изминатиот викенд. Секое ограничување кое ќе биде построго и поригорозно, негативно ќе се одрази на граѓаните“,

пишува Чулев на својот профил на Фејсбук.

Филипче, пак, го коментираше тоа и рече дека предлогот на Комисијата се темели на стручни мислења и има медицинска издржаност.

„Видов реакции на министерот Чулев, сметам дека не треба да станува збор за какво било лично мислење или некаква тенденција да се пренесе некакво мислење или став или желба на која било група граѓани, затоа што сите овие мислења се темелат на стручните мислења на Комисијата за заразни болести. Секако, граѓаните не сакаат да седат дома, но има причина зошто тоа е предложено“,

изјави Филипче.