МОН: Далечинското учење е задолжително, учебната година ќе се реализира до крај

0
89

Министерството за образование не размислува за законската можност оваа учебна година да биде прогласена за завршена после успешно спороведени минимум 100 дена настава, туку се категорични дека далечинското учење е задолжително за сите деца, а наставата ќе се спроведе до крај. Од Министерството се уште немаат решение како во вонредната состојба ќе обезбедат подеднакви услови за сите деца, а веќе е изготвено упатство за тестирање и оценување по електронски пат и наскоро се очекува првото вреднување на постигнатиот успех. Се уште не е познат ниту бројот на ученици кои од разни причини дома немаат компјутер, таблет или паметен телефон, како и пристап до интернет.

– Со воведувањето на задолжителното далечинско учење, воспитно-образовниот процес продолжи да се спроведува формално, така што учебната година нема да биде прекината и повторена, туку ќе продолжи да се реализира до целосно завршување. Во меѓувреме, Министерството за образование и наука се обрати до училиштата со цел да се обезбедат податоци за учениците кои потекнуваат од семејства од социјален ризик и кои можеби немаат електронски уреди, или пак интернет, со цел да се изнајде начин на истите да им се помогне и да бидат вклучени во наставата. Но, од училиштата не ги добивме податоците кои ни беа потребни. Така што, сега во соработка со Министерството за труд и социјална политика ги обезбедуваме податоците за децата од социјално загрозени семејства и по компарирање со податоците од училиштата, ќе ја добиеме реалната бројка на ученици кои имаат потреба од поддршка и помош во делот на вклучување во далечинското учење, по што ќе излеземе во јавноста со повеќе информации. Обезбедувањето на интернет ќе се реализира со поддршка на Министерството за информатичко општество и администрација, додека за евентуално обезбедување на ИТ уреди, дополнително ќе информираме – велат од МОН за „Слободен печат“.
Извор Слободен печат