Парична казна за кумановскиот градоначалник поради непочитување на медицински протоколи

0
96

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и уште едно лице од општинскиот кризен штаб, ќе добијат парична казна оти при изречена мерка за изолација тргнале да се тестираат во Скопје. Тие смееле да го напуштат домот исклучиво при влошено здравје и по потреба да се транспортираат до инфективно одделение, но на матичните лекари ниту еднаш не им се пожалиле за здравствента состојба.

Инспекторите кои при вонреден надзор ја провериле патеката на движење на Димитриевски утврдиле дека тој добил упат од општата кумановска болница за ренген на белите дробови и за лабораториски анализи во Клиниката за инфективни болести во Скопје. Со еден телефонски повик во скопската инфективна клиника, инспекторите откриле дека тој не се појавил таму на преглед.

„Направен е прекршок непостапување по решение, односно истите го напуштаат местото на престој. Тоа е казниво, ќе се изрече прекршок по Закон за заштита на население од заразни болести, истото изнесува парична казна од 300 до 600 евра во денарска противвредност. Вториот прекршок што е нотиран е неправилна евиденција во службата за итна медицинска помош. Таму секако како и за постапување на докторите од Инфективното одделение во Куманово веќе е во тек вонреден стручен надзор“, рече Иринка Сотирова Бухова – директорка на ДСЗИ.