Димковски: Земјоделството ќе има главен удел во заживување на економијата

Третиот сет економски мерки ќе помогне во опоравување на земјоделството од пандемијата кое во иднина ќе има главен удел во заживување на економијата. Со овие мерки ќе се овозможи зголемување на производството и инвестициите во земјоделството, изјави министерот за земјоделство Трајан Димковски.

Министерот Димковски информираше дека во овој сет мерки освен мерката зелена нафта со која се покриваат 50 отсто од трошоците и со која се опфатени 50.000 земјоделци се и евтините кредити од Развојна банка.

-Во земјоделството неопходни се средства за непречено извршување на земјоделските активности и инвестициите. За таа цел одобрени се кредити во износ од 5 милиони евра од Развојната банка. Условите за добивање на овие кредити се подобрени и олеснети, а максималниот износ кој можат да го добијат земјоделците е 500 илјади евра. Кредитите за обртни средства се со рок на доспевање од 24 месеци, а за основни средства рокот е 10 години со фиксна каматна стапка од 2 отсто, истакна Димковски и додаде дека овие кредити може да ги користат микро, мали и средни претпријатија за преработки, доработки и извоз на земјоделски производи.

Тој информираше дека во овој сет мерки ќе се финансираат семејни винарии и фарми кој ќе добијат грантови до 10.000 евра за опрема за преработка но и за маркетинг на растителни, млечни и месни производи. Во помошта за мали семејни бизниси се и 3 милиони евра кој ќе бидат издвоени од буџетот на МЗШВ за производство на зачински билки.

-Нашата цел е да го ставиме целокупното земјоделско земјиште во функција. За таа цел ќе овозможиме продажба на државно земјоделско земјиште. На овој начин ќе овозможиме зголемување на домашното земјоделско производство, но и нови инвестиции во овој сектор. Овозможуваме и долгорочен закуп на пасиштата со што сточарите ќе имаат на располагање околу 500.000 хектари пасишта за напасување на добитокот, истакна министерот Димковски.

Тој додаде дека ќе се стимулираат винариите да произведуваат алкохолен дестилат кој ќе се користи од страна на домашните хемиски компании за производство на средства за дезинфекција. На овој начин, како што рече ќе се намалат залихите на вино и ќе се амортизира вишокот на винско грозје.

Што се однесува до кредитот од 50 милиони евра од Светска банка, Димковски појасни дека истиот покрај за зголемување на конкурентноста и профитабилноста ќе се искористи за изградба на трите откупно дистрибутивни центри во Скопје, Струмица и Ресен и за регистарот и пописот на државното земјоделско земјиште.