Лидерите во понеделник повторно на средба кај Пендаровски

0
85

Лидерите на политичките партии се очекува да седнат повторно во понеделник за да ја разгледаат можноста за одржување на предвремените парламентарни избори во наредните месеци. Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски за АЛСАТ потврдија дека лидерската средба е предвидено да се одржи во понеделник во 12 часот.

Еден од условите за одржување предвремени парламентарни избори е процесот да го набљудуваат ОБСЕ/ОДИХР. Ова за Алсат го потврди Министерството за надворешни работи, од каде велат дека по контакти со нив, добиле позитивен одговор.

„Го добивме одговорот и во овој момент можеме да споделиме со јавноста дека е позитивен. Повеќе детали ќе објавиме на лидерската средба во понеделник, затоа што коректно е политичките лидери први да се информираат за содржината на писмото пред да се објави“, велат од МНР.

Државната изборна комисија вчера испрати писмо до претседателот Стево Пендаровски, во кое го известува дека не може да ги организира изборите за 22 дена, врз основа на указот на Владата. Ова е затоа што мора да се утврдат нови рокови за повторување на постапките што водат до точен Избирачки список.

„За дел од завршените активности (јавен увид, доставување на барање за регистрација, промена или бришење на податоците во Избирачкиот список и други) мора да се утврдат нови рокови за нивно повторување, во функција на осигурување на кредибилен и точен Избирачки список на денот на изборите“, велат од ДИК.

Пред неколку дена, Комисијата за заразни болести го објави протоколот за одржување избори, со кој граѓаните за време на гласањето ќе бидат безбедни од можна зараза со корона вирусот.

Извор Алсат