ПОТПАЛУВАЧИТЕ НА ВОЗИЛА ВО ШТИП ПОВТОРНО АКТИВНИ

0
89

Имињата на потпалувачите на возила во Штип се уште се енигма за јавноста. Лани изгореа 27 автомобили. За 12 од нив со сигурност се потврди дека се намерно запалени, останатите се уште чекаат вештачење.

Годинава се опожарени пет. Последниот случај е од пред два дена, кога изгоре БМВ. Тоа е четврто возило во пламен на ист сопственик. Од полицијата нема детали само информација дека работат на случаите.

„Истрагата е во тек. Се чекаат вештачења за да се утврди прецизно во кој случаи има намерно палење на возилата. Работиме на случаите, но дури кога целосно ќе заврши постапката околу обработување на доказите и ќе ја заокружиме истрагата ќе можеме да излеземе со конкретни податоци“, велат од СВР Штип.

Нема информации ниту дали се работи за еден или група потпалувачи и дали пожарите се поврзани. Сомнеж е дека зад пожарите стои пресметка за доминација на локалниот пазар со наркотици. Тоа како мотив на крајот од Јануари го соопшти техничкиот министер за полиција Наќе Чулев. Тој тогаш најави и конкретна помош од одделението за организиран криминал, но резултати се уште нема.

Но, тоа не дава одговор кој стои зад палењето на автомобилите чии сопственици не се дел од криминалното подземје. Наши извори од истрагата тврдат дека за дел од случаите нема конкретни резултати бидејќи долго време се чека на вештачењата што треба да ја утврдат причината за палењето на возилата.

Досега е поднесена само една кривична пријава, неофицијално таа не е поврзана со случај од криминалното подземје. Пироманот беше најактивен во октомври лани кога за две недели беа запалени десетина автомобили. Пет од нив изгореа целосно откако во нив беа фрлени молотови коктели.

Извор ТВ24