Со бензин палел кафе бар, бидејќи не изгорел обвинителството може нема службено да гони туку ќе биде дело „оштетување туѓи предмети“

0
87

Рано утрово околу 3:15 часот, непознат маскиран сторител со бензин го полеал и подметнал пожар на угостителскиот објект Опера бар кој се наоѓа во склоп на објектот на Националната опера и балет. Пожарот не ја зафатил внатрешноста на објектот. Биле повикани пожарникари, а огнот веќе се изгаснал.

Порталот А1он објави видео од безбедносните камери на кои се гледа подметнувањето на пожарот, а сопственикот им се пожалил дека надлежните не го гонеле сторителот по службена должност за потешко дело како „предизвикување општа опасност“ туку го советувале дека поради малата штета треба да гони приватно. Според сопственикот има голема материјална штета бидејќи стаклата биле испукани, пишува порталот.

Од СВР Скопје ни потврдија дека инцидентот е регистриран и се работи на него. По налог на дежурната обвинителка, делото е заведено како „оштетување туѓи предмети“ кое се гони по приватна тужба и за кое е предвидена или парична казна или затворска казна до 3 години доколку има потешки последици. Доколку во постапката се откријат докази за посериозно кривично дело, маскираниот пироман ќе се гони и за “предизвикување општа опасност”, објаснуваат истражните органи.

Подметнатиот пожар се случил во време кога е полициски час, а сторителот дошол од правец на јавното обвинителство и МНР.

Запалениот објект се наоѓа спроти ТЦ Мавровка, каде неодамна изгоре заградената тераса на угостителскиот објект „Фонтана“. Првично вештачењата покажале дека тој објект изгорел од огнот предизвикан од лоша електрична инсталација поврзана со фискална каса. И двата угостителски објекти не работат поради пандемијата и мерките. Од друга страна, скопската полиција се уште го истражува и пожарот на Фонтана.